Mакедонски | Macedonian

Што е планирање на негата во иднина?

Ако сте болни или вашите желби во поглед на негата не можете да ги пренесете на други, кој би сакале да зборува во ваше име? Што би сакале тоа лице да каже?

Болест во одмината фаза или сериозна повреда може некогаш да значи дека луѓето не се способни самостојно да одлучуваат
за нивната здравствена нега. Тоа може да им се случи на луѓе на сите возрасти, особено при крајот на животот.

Пишувањето План на негата во иднина ви овозможува да речете што ви е важно, ако некогаш не можете да комуницирате.

Користи за вас и за луѓето кои ви се блиски

Планирањето на негата во иднина:

  • помага да се обезбеди вашите желби во поглед на здравствената нега да бидат познати и почитувани, ако станете толку болни што не можете да зборувате за себе
  • им користи на вашите блиски. Истражувањата покажаа дека семејствата на луѓето кои ја планирале негата во иднина се помалку загрижени и во стрес кога од нив се бара да бидат вклучени во важни одлуки за здравствената нега.

Што прави алтернативниот донесувач на одлуки?

Кога лицето го подготвува својот План за негата во иднина, тој или таа може да повика некого да биде негов или нејзин алтернативен донесувач на одлуки. Ако лицето ја загуби способноста на самостојно одлучување за неговата или нејзината здравствена нега, алтернативниот донесувач на одлуки може да донесува одлуки во име на лицето. Планот за негата во иднина ќе обезбеди насоки и упатства.

Законите на некои држави и територии може да дозволуваат поставување на повеќе алтернативни донесувачи на одлуки.

ДОНЕСУВАЊЕТО НА ОДЛУКИ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА НЕГА НА НЕКОЈ ДРУГ МОЖЕ ДА БИДЕ ТЕШКО. ПЛАН НА НЕГАТА ВО ИДНИНА МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ СПОКОЈСТВО И УДОБНОСТ, БИДЕЈЌИ ЖЕЛБИТЕ СЕ ЈАСНИ, РАЗБРАНИ И ПОЧИТУВАНИ.

Што треба да правам?

Бидете отворени

  • Размислувајте и разговарајте за вашите вредности, мислења и желби во поглед на сегашната и идната здравствена нега.
  • Одлучете кој сакате да зборува во ваше име ако станете многу болни и не можете самите да зборувате. Побарајте од тоа лице да биде ваш „алтернативен донесувач на одлуки“.

Тоа лице треба да биде:

  • на располагање (во идеални услови да живее во истиот град или област)
  • постаро од 18 години
  • подготвено јасно и уверливо да ве застапува во разговори со вашите доктори, други здравствени професионалци и членови на семејството.
  • Зависно од државата или територијата во која живеете, можеби можете да поставите повеќе од еден алтернативен донесувач на одлуки.

Бидете спремни

  • За вашите вредности, мислења и желби да разговарате со вашиот алтернативен донесувач на одлуки и со други луѓе вклучени во вашата нега, како што се роднини, пријатели, негуватели и доктори.
  • Иако не морате да добиете помош од некое здравствено лице кога го пишувате вашиот План за негата во иднина, добро би било во тоа да ги вклучите вашиот доктор по општа пракса и други здравствени лица. Тие може да ви дадат совети и да ви помогнат да го документирате вашиот избор. Во различни австралиски држави и територии постојат различни правни услови, па затоа е добро да се побара помош. Во некои држави и територии постојат важни правила во поглед на тоа кој може да ви ги завери документите.

Кажете ги вашите мислења

  • Запишете ги вашите желби. Информации за прашања значајни во вашата држава или територија можете да најдете на advancecareplanning.org.au Вашиот доктор исто така може да ви помогне околу образецот.
  • Напишан План/Налог за негата во иднина ќе му ја лесни работата на вашиот алтернативен донесувач на одлуки, ако биде потребно. Тоа ќе им донесе спокојство на сите, знаејќи дека вашите желби се познати и се почитуваат.

Направете копии и сместете ги кај:

  • вашиот алтернативен донесувач или донесувачи на одлуки
  • вашиот доктор по општа пракса/локален доктор
  • вашиот специјалист или специјалисти
  • вашиот старечки дом
  • вашата болница
  • myagedcare.gov.au

Не морате да дадете копии на секој од наведените, но обезбедете вашиот алтернативен донесувач на одлуки и главниот доктор да имаат по една копија.

Вашиот План/налог за негата во иднина внесете го во „My Health Record” (Моја здравствена документација) на myhealthrecord.gov.au

Редовно преразгледувајте го вашиот План за негата во иднина. Планот треба да го преразгледате ако дојде до промена на вашата здравствена или лична состојба, или животни услови.

Законите и планирањето на негата во иднина

Различни држави и територии во Австралија имаат различни закони во поглед на планирањето на негата во иднина. Кога правите планови за вашата идна нега, ќе биде од помош да ги разбирате законите во вашата држава или територија.

Во зависност од државата или територијата:

  • алтернативен донесувач на одлуки може да биде законски поставен како „агент“, „старател“ или „траен старател“
  • планот за негата во иднина исто така може да се вика „налог за негата во иднина“ или „налог за здравствената состојба во иднина“ и може да вклучува „потврда за одбивање на лекување“.

Дали имате прашања во врска со планирањето на негата во иднина и сакате да разговарате на јазик кој не е англиски?

Може да добиете помош од преведувач по цена на локален разговор (освен од мобилни телефони) следејќи ги следните чекори:

  1. Јавете се на 13 14 50 од понеделник до петок меѓу 9.00 наутро и 5.00 попладне.
  2. Кажете го јазикот што ви треба.
  3. Почекајте да се јави преведувачот (може да чекате до 3 минути).
  4. Побарајте од преведувачот да се јави на Advance Care Planning Australia на 1300 208 582.
  5. Разговарајте со наш вработен или доброволец со помош од преведувач.

Каде може да добијам повеќе информации?

NATIONAL ADVISORY HELPLINE (НАЦИОНАЛНА СОВЕТОДАВНА ЛИНИЈА ЗА ПОМОШ): 1300 208 582

Audio

Print

  • Fact sheet

    ПЛАНИРАЊЕ НА НЕГАТА ВО ИДНИНА ЗА ПОЕДИНЦИ | MАКЕДОНСКИ

    Advance Care Planning Australia

    A fact sheet about advance care planning for individuals, in Macedonian and English.
  • Fact sheet

    ПЛАНИРАЊЕ НА НЕГАТА ВО ИДНИНА ЗА АЛТЕРНАТИВЕН ДОНЕСУВАЧ НА ОДЛУКИ | MАКЕДОНСКИ

    Advance Care Planning Australia

    A fact sheet about advance care planning for substitute decision-makers, in Macedonian and English.
  • Fact sheet

    ПЛАНИРАЊЕ НА НЕГАТА ВО ИДНИНА ЗА РАБОТНИЦИ ВКЛУЧЕНИ ВО НЕГА | MАКЕДОНСКИ

    Advance Care Planning Australia

    A fact sheet about advance care planning for carers, in Macedonian and English.